Министерството за надворешни работи на Украина ги осудува вчерашните избори во Руската Федерација, кои според нив се одржуваат во времено окупираната Автономна Република Крим и градот Севастопол.
-АР Крим и градот Севастопол биле, се и остануваат составен дел на суверената Украинска држава, опфатени со Уставот и законите на Украина.Таканаречените „избори”, кои ги одржува Руската Федерација на територијата на нашата држава, се нелегитимни, а нивните резултати од правна и регулаторна гледна точка се неважечки и нема да имаат никакви последици за денешниот статус на Автономната Република Крим и градот Севастопол во рамките на меѓународно признатите граници на Украина, се вели во реакцијата на украинското МНР испратена до медиумите.
Според нив, сите вклучени во организацијата и одржувањето на „изборите” ќе бидат одговорни согласно важечкото законодавство на Украина.
-Ја повикуваме меѓународната заедница да го осуди одржувањето од Руската Федерација на таканаречените „избори” во Автономната Република Крим и градот Севастопол. Очекуваме, исто така, дека цивилизираниот свет ќе даде соодветна критика на противправните дејствија на руската окупаторска власт, која го продолжува угнетувањето, дискриминацијата и репресиите против кримските Татари, Украинците и претставниците на другите националности, кои не се помирија и никогаш нема да се помират со окупацијата на АР Крим. Денес постојат голем број на докази и сведоштва, што го потврдуваат прекршувањето од руската страна на превземените меѓународни обврски во областа на човечките права, за што руската страна ќе треба да одговара, се вели со реакцијата.
Локалното и регионално гласање за избори, Русија го спроведе вчера во 84 региони на државата – се избираа гувернери, пратеници во локалните законодавни органи и градоначалници на градови и општински советници.
За прв пат во составот на Русија гласаа и жителите на Крим и Севастопол. Тие избираа пратеници во локалниот парламент и градоначалници.
Сите кандидати кои остварија победа во трката, се од партијата „Единствена Русија”, јавуваат руските медиуми.