Сашо Станојковиќ, ликовен уметник и магистер од областа сликарството соопшти дека на 12-ти мај поднел предлог-барање до Управата за заштита на културното наследство за зачувување и итно прогласување за културно наследство на колоритната интервенција врз спомениците и објектите од проектот „Скопје 2014“.
Негова главна мотивација за ваквата иницијатива била опасноста од уништувањето на, како што вели, „оригиналниот уметничко-партиципативен протестен проект наречен „Шарена револуција“ што го иницираа илјадници граѓани на Република Македонија.“
„За разлика од самите објекти кои се веќе заштитени, овој проект останува незаштитен и изложен на различни влијанија и случајни и намерни оштетувања и покрај неговата исклучителна општествено-културна вредност. Со предлог-барањето иницирав заштита на колективните партиципативни интервенции кои со стохастичен, но препознатлив ликовен јазик и со учество на многу субјекти при изведбата за прв пат овозможија директно демократска партиципација на граѓаните во институционалната критика на државната културна политика.
Посебна вредност на проектот е ангажираноста за општествени промени што предизвика будење на граѓанската свест за подеднакво право на градот и за солидарност меѓу припадниците на различните етнички заедници, партии и интересни групи. Оттаму произлезе и итноста на мојата иницијатива“, вели Станојковиќ.
За иницијативата да се заштитат и зачувуваат трагите од „Шарената револуција“ досега не добил никаков одговор од институциите, освен некои основни информации за легислативата според која во 2015 беше обезбедена за заштитата и статутот на културни споменици на некои објекти од проектот „Скопје 2014“.
„Предлог-барање со иста содржина доставив и до НУ Конзерваторски центар Скопје бидејќи оваа институција ми беше посочена како надлежна за „доставување предлог како и за валоризација односно вреднување на одредена недвижност која ќе се прогласи за културно наследство на подрачјето на град Скопје и општините кои се во состав на град Скопје“, вели Станојковиќ.




