Македонската јавност пребрзо се израдува на првата извојувана битка за трансродовите лица во нашата земја, откако Европскиот суд за човекови права на 17 јануари 2019 година донесе пресуда во случајот Х против Република Македонија.
Со пресудата утврди повреда на член 8 од Европската конвенција за човекови права кој го гарантира правото на приватен и семеен живот, поради недостиг на законска рамка која ќе овозможи признавање на родовиот идентитет на жалителот – трансродовото лице преку промена на ознаката за пол во матичната евиденција и на тој начин ќе обезбеди почитување на приватниот живот на жалителот.
Но на лицето Икс до денес се уште не му се дозволува да ја смени ознаката за пол во матичната евиденција.
– Во јануари 2019 година ЕСЧП донесе пресуда против Македонија со која утврди повреда на приватниот живот на трансродов маж на кој не му е дозволено правно признавање на родот, односно промена на ознаката за пол во матичната евиденција. Државата, очигледно сфати дека конкретниот случај е повреда на правото на жалителот, но и на трансрдовоите луѓе генерално, и одлучи да не се жали до Големиот Совет на Судот. Пресудата стана правосилна во април, а управата за водење на матичните книги се уште го нема решено случајот и лицето Икс се уште го нема остварено правото на правно признавање на родот. Во меѓувреме, сé уште е активна постапката пред домашните институции, на што ЕСЧП во пресудата има забелешки за должината и квалитетот на постапката, односно произволноста на одлуките со кои се повредува правото на лицето Икс.
Имено, Управниот Суд во април, непосредно пред да стане конечна одлуката на ЕСЧП, донесе одлука со која по трет пат ја прифати тужбата на лицето Икс, но предметот го врати на повторно одлучување на Управата за водење на матичните книги. Управниот суд ја игнорираше одлуката на ЕСЧП и постапи спротивно на домашните закони, па наместо да одлучи за предметот со мериторна одлука, предметот го врати на Управата, која пак во својата последна одлука се прогласи за ненадлежна да одлучува за предметот.
И по пресудата на ЕСЧП, во која се потенцираат меѓудругото и процедуралните пропусти на институциите, државата продолжува со повреда на правото на лицето Икс и не покажува свесност за сериозните последици што повредата на приватност ги има врз лицето. Поради ова, ќе го информираме и Комитетот на министри при Советот на Европа, надлежен за следење на извршувањето на пресудите, во следната сесија да го разгледа (не)спроведувањето на пресудата од страна на државата – вели адвокатката Наташа Бошкова.
Пресудата на ЕСЧП стана правосилна на 17 април 2019 година. Согласно пресудата ЕСЧП на жалителот му досуди и 9 илјади евра за нематеријална штета, што требаше да биде исплатен најдоцна до 17 јули 2019.
Бирото за застапување на РСМ пред ЕСЧП, за кого законски е резервирана комуникацијата со Комитетот на министри на Советот на Европа, доставило неколку препораки до Управата за водење на матичните книги, Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос од втор степен, Управниот и Вишиот управен суд, како надлежни за постапување по барањата за промена на податоците во матичната евиденција, за услогласување на нивното одлучување со барањата од пресудата на ЕСЧП.
Од Бирото за застапување на РСМ пред ЕСЧП велат дека пресудата на ЕСЧП задолжително ќе се најде пред Комитетот на министри на Советот на Европа, имајќи ги предвид неговите надлежности кои произлегуваат од членот 46 на ЕКЧП, согласно кој Комитетот на министри врши надзор над извршувањето на пресудите на ЕСЧП.
Ваквата надлежност Комитетот ја реализира во принцип во текот на 4 редовни состаноци (DH meetings) во текот на годината.
Суштината на оваа надлежност на Комитетот на министри е да обезбеди дека државите-членки на Советот на Европа ги извршуваат пресудите и определени одлуки донесени од страна на ЕСЧП. Комитетот надзорот над извршувањето на секој поединечен случај го завршува со донесување на финална резолуција. Финалните, како и времените резолуции и останати одлуки кои Комитетот на министри може да ги донесе во врска со надзорот над извршувањето на конкретен предмет јавно се објавуваат од страна на Комитетот на министри.
Неодговорност на службата за односи со јавност на Управата за водење на матичните книги
Вработената за односи со јавност во Управата за водење на матичните книги, откако ја контактиравме телефонски, не замоли прашањата да и ги испратиме преку електронска пошта, но не добивме одговор во следните денови. Кога повторно ја побаравме телефонски, таа рече дека не го добила мејлот и не обвини дека воопшто не сме го ни пратиле, на што ние инсистиравме да провери уште еднаш и понудивме прашањата да ги однесеме лично испечатени на хартија во Управата за водење на матичните книги. По нашата понуда прашањата да ги однесеме лично, службеничката за односи со јавност, веднаш го пронајде мејлот што го пративме денови пред тоа. На секој наш следен телефонски повик не ни креваше слушалка, а на прашањата никогаш не одговори.
Поради неколкунеделното одбегнување на службата за односи со јавност, прашањата ќе ги објавиме тука:
1. Зошто Управата одбива да му дозволи на трансродовото лице да ја промени ознаката за пол во матичната евиденција?
2. Со оглед на тоа дека овој случај стигнал до Европскиот суд за човекови права, дали мислите дека може да влијае во европските перспективи на земјава?




