Уште шест обвинети лица добија условни казни за инцидентите пред Собранието на 5 јули, за време на протестите против францускиот предлог, откако тие признаа вина на денешното судење во Основниот кривичен суд во Скопје.

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска се одржа главната расправа за предметот против шест лица обвинети за кривичното дело – Учество во толпа што ќе изврши кривично дело од чл. 385 ст.2  в.в ст.1 в.в. чл. 22 кои на 05.07.2022 година се случија пред Собранието на РСМ.

„Сите шест обвинети, своеволно, ја признаа вината за кривичното дело кои им се става на товар, а по ценење на сите олеснителни и отежителни околност, судот донесе првостепена пресуда со која четврица од обвинетите им определи алтернативни мерки – Условна осуда во траење од 2 години затвор која казна нема да се реализира доколку во следните 4 години не сторат ново кривично дело, а двајца од обвинетите, кои непосредно пред настанот наполниле 18 години, им определи алтернативна мерка – Условна осуда од 1 година затвор која казна нема да се реализира доколку во следните 3 години не сторат ново кривично, а воедно им определи и мерка – Засилен надзор“, информираат од Основниот кривичен суд Скопје.

Против овие пресуди, во делот на казната, осудените имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје.