Дебитантскиот игран филм „17“, во режија на Косара Митиќ, ја доби наградата Најдобар филм во натпреварувачката програма „Нови режисери“ на 44. Интернационален филмски фестивал на Уругвај.
Традиционално организиран од Кинотеката на Уругвај на локации во Монтевидео и уште неколку градови, како што се Флорида, Канелонес, Роча и Сан Хозе, од 30-ти март до 12-ти април на фестивалот биле прикажани повеќе од 200 филмови од 67 различни земји, со многубројни национални и меѓународни премиери.
Натпреварувачката програма „Нови режисери“ ја има во фокусот промоцијата на дебитантски остварувања и млади таленти, и прикажувајќи селекција од уникатни авторски филмови нуди платформа за новите гласови од најновата светска кинематографија.
Македонскиот филм „17“ ја освои наградата Најдобар филм во конкуренција од 13 наслови, а за наградата одлучуваше тричлено стручно жири кое го сочинуваа: Аиноа Артече Уриарте, актерка и режисерка од Шпанија, Маријанела Морена, истакната драмска писателка и театарска режисерка од Уругвај и Ернан Росели, истакнат сценарист и режисер од Аргентина.
Светската премиера на долгометражниот игран филм „17“ во режија на Косара Митиќ и продукција на Томи Салковски се одржа на Меѓународниот филмски фестивал во Берлин оваа година. Сценариото за „17“ е инспирирано од настан од реалниот живот, но приказната во филмот не зборува за настан, туку за состојба и се занимава со општествената одговорност.
Филмот е продуциран од „Црна мачка продукција“ во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија. Поддржан е од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Филмскиот центар на Србија, Словенечкиот филмски центар, СЕЕ Синема Нетворк и СинеЛинк Ворк-ин-прогрес на 31. Сараевски филмски фестивал.
Кинематографер е Наум Доксевски. Снимањето беше реализирано во Скопје, Битола и на други локации низ државата. Меѓународната продажба на филмот ја реализираат реномираните „Tотем филмс“ со седиште во Париз.




