Уставните судии денеска со осум гласа „за“ одлучија од дневен ред да ја тргнат точката за разгледување на Иницијативата за уставноста на одлуката за поставувањето крст во општина Бутел. Предлог за одложување на разгледувањето бил на уставниот судија Сали Мурати, кој не присуствуваше на седницата, а неговите колеги се согласија точката да се одложи за следната седница.
Иницијативата до Уставен суд во март годинава ја поднесе струшкиот градоначалник Зијадин Села. Според него, одлуката за поставување крст не била по Бадентеровиот принцип.
Поставувањето на крстот во Бутел предизвика меѓуетнички тензии, бидејќи со неговото поставување не се согласи ДУИ.
Партиски активисти на ДУИ поставија камп на местото каде требаше да се гради крстот, откако предходно беа осветени темелите. ДУИ се повлече од кампот, но крстот не продолжи да се гради иако одлуката за неговото постапување се уште е на сила. Крстот го донираше Светскиот македонски конгрес.




