Поради обемноста на материјалите, Уставниот суд го одложи разгледувањето на иницијативата која ХЕРА , заедно со Реактор, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Коалицијата за заштита на сексуалните права на маргинализираните заедници и доц. д-р Каролина Ристова – Астеруд ја покренаа поради, како што велат тие дискриминаторската содржина на Законот за абортус.
Поднесителите на иницијативата сметаат дека одложувањето е легитимно, бидејќи преставките кои што ги поднеле имаат обемна содржина, но се надеваат дека постапката ќе биде спроведена.
„Нормално дека се надеваме дека ќе биде спроведена постапка за оценување на уставноста на овој Закон, поради тоа што сметаме дека навистина има противуставни одредби“, изјави Неда Чаловска од Хелсиншкиот Комитет.
Од невладината ХЕРА велат дека спорни се повеќе членови од Законот за прекинување на бременост, бидејќи се појавуваат нови пречки кои ги немало во стариот Закон.
-Клучните поенти ги ставаме на оние административни пречки, кои се предвидени во новиот закон, а ги немаше во стариот, тука пред сè мислам за писменото барање кое жената што сака да направи абортус треба да го поднесе, задолжителниот период на чекање и задолжителното и пристрасно советување. Ова се три точки на кои се концентрираме, но има и други членови за кои мислиме дека се противуставни, вели Игор Јадровски од ХЕРА.
Невладините организации уште еднаш потсетија дека ваквите законски решенија не се во согласност со ниту еден од меѓународните или Европските стандарди во однос на прекин на бременоста.
Законот за прекинување на бременоста стапи на сила минатата година на 20. јуни, кога владејачкото мнозинство го изгласа со 62 гласа за и само еден против на пратеникот Ивон Величковски од Либералната партија.
Законот е донесен по скратена постапка, а СДСМ не учествуваше на расправата.




