Земјите членки на НАТО утре во Брисел да го потпишат Протоколот за пристапување на земјата во Алијансата, по што националните парламенти на членките ќе треба да го ратификуваат протоколот, а Македонија ќе учествува на сите состаноци на НАТО, во својство на поканета земја.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи, на покана на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, министерот Никола Димитров, утре, 6 февруари, ќе учествува на состанокот на Северно-атлантскиот совет по повод потпишувањето на пристапниот протокол за членство на Република Македонија во НАТО, што ќе се одржи во седиштето на НАТО во Брисел.
„На состанокот, на кој е предвидено и обраќање на министерот Димитров, 29-те земји членки, претставени од нивните овластени постојани претставници во НАТО, ќе го потпишат протоколот за пристапување на Република Македонија во НАТО“, соопштија од МНР.
Со овој чекор, велат од Министерството, ќе се заокружи еден значаен дел од пристапниот процес, по што следува процес на ратификација на пристапниот протокол во националните парламенти на земјите членки на НАТO.
По потпишувањето на пристапниот протокол, Република Македонија ќе учествува на сите состаноци на НАТО, во својство на поканета земја.
Претседателот на грчкиот Парламент, Никос Вуцис соопшти дека Протоколот во четврток ќе биде доставен и ќе го разгледа надлежната Комисија за национална одбрана и надворешни работи на грчкиот Парламент, а во петок ќе се најде пред грчките пратеници на пленарна седница, по што ќе биде и гласањето, јави МИА од Атина. Со тоа Грција ќе биде првата земја која ќе го гласа.
Предвидено е и Комисијата и пленарната седница да траат по еден ден.
За да биде изгласан протоколот, потребни се 151 глас, а се очекува дека сите пратеници кои гласаа за ратификацијата на Договорот од Преспа, да го поддржат и членството во НАТО.




