Ванчо Узунов, потпретседателот на СДСМ, ги најави мерките насочени кон зголемување на инвестициите и на извозот на малите и средните претпријатија.
-СДСМ ќе обезбеди поддршка преку издавање на гаранции за секое мало или средно претпријатие што има инвестициски проект и за него има обезбедено 25% сопствено учество.
Овие гаранциите ќе бидат обезбедени преку Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР).
Поедноставената шема за овој проект за поттикнување на инвестиции на малите и средните друштва е следната: доколку инвестицијата е 100.000 евра, а инвеститорот има 25.000 евра сопствено учество, Македонската банка за поддршка на развојот ќе обезбеди гаранција за 65.000 евра кон банката, којашто ќе го одобри кредитот од 75.000 евра.
На овој начин, инвеститорот ќе биде заинтересиран да успее инвестицијата бидејки во неа и тој има влог. Исто така и банката, со тоа што кредитира со мал ризик, ќе биде мотивирана да ги употреби основните стандарди за разгледување и одобрување на успешен проект.
Освен тоа, СДСМ во својата Програма предвидува и формирање гарантен фонд, во висина од 15 милиони евра, за давање гаранции при доделување на кредити од банките на малите производни фирми, коишто имат извозно ориентирано производство.
Вредноста на гарантниот фонд ќе биде зголемувана во зависност од потребата и барањата на извозно ориентираните мали и средни претпријатија.
Oвие мерки што СДСМ ги додаде во својата Програма се на предлог на бизнис заедницата. Како што знаете СДСМ оствари бројни средби со бизнисмени во кои голем дел од нив истакнаа дека имаат големи потешкотии за обезбедување на гаранции за инвестиции и извоз, како и тоа дека сегашната Влада во однос на тоа прашање само се фали, но реално нема ништо направено. Идната влада на СДСМ и во однос на ова прашање ќе има сосема поинаков однос и остварувања.
Бидејќи денеска говориме за мерки за поддршка на развојот на малите и средни претпријатија, ќе потсетиме и на нашиот проект за градење на македонска мрежа на бизнис инкубатори.
Како што веќе објаснивме, преку оваа мрежа ќе се помага развојот на над 300 мали и средни претпријатија годишно, од коишто најуспешните ќе добиваат и финансиска поддршка во износ до 10.000 евра.
Во наредните денови и недели ќе следи промовирање и на редица други мерки од разни области од Програмата на СДСМ, којашто има за цел враќање на средната класа и подобар живот за мнозинството граѓани во Република Македонија, соопшти Узунов.




