„За финансирање на предизборните злоупотреби, владата на ВМРО-ДПМНЕ користи странски и домашни заеми, односно, дека ја задолжува државата за свои себични цели“, рече пред новинарите Ванчи Узунов, потпретседател на СДСМ.
Прво: задолжување преку заеми од странство
– Доказ за користење на странски заеми претставуваат податоците претставени на графиконот 1, кој се преземени од Министерството за финансии. Тие јасно покажуваат дека, два месеци пред одржувањето на изборите во 2011 година, приливите во буџетот врз основа на странски заеми се зголемуваат за над 200 милиони евра (13,000 милиони денари).
Зошто токму во предизборниот период во 2011 година било потребно толку големо задолжување на државата со заеми од странство?, праша Узунов.

„За локалните избори во 2013 година, ситуацијата е уште многу повеќе драстична.
Имено, два месеци пред одржувањето на изборите во 2013 година, приливите во буџетот врз основа на странски заеми се зголемуваат за над 17,000 милиони денари (речиси 280 милиони евра). Значи, токму во предизборниот период на локалните избори било потребно толку големо задолжување на државата со заеми од странство, констатира потпретседателот на СДСМ.
Второ: задолжување преку издавање државни обврзници – домашно задолжување
„Согласно податоците од Министерството за финансии, кои се претсвени на графиконот бр.2, за време на локалните избори во 2013 година, владата на ВМРО-ДПМНЕ за финансирање на предизборните злоупотреби дополнително ја задолжила државата, овој пат на домашниот пазар“, рече Узунов.
– Три месеци пред одржувањето на изборите во 2013 година, односно декември 2012, јануари и февруари 2013 година, приливите во буџетот врз основа на емисија на државни записи се зголемуваат речиси 230 милиони евра (14,000 милиони денари). Значи токму во предизборниот период на владата и било потребно толку големо задолжување на државата преку емисија на државни записи.

Нема потреба владата да се задолжува преред избори ако нема потреба да ги купува тие избори. Уште еднаш ќе ги повториме измените на изборниот законик кои треба да ги спречат злоупотребите на буџетските трансфери, пред сè заради спречување на можностите за купување на изборите:
– Секој што ќе исплати социјална помош, субвенции, плати, пензии или било какви еднократни или едногодишни трансфери од буџетски средства или од било кои јавни фондови, од распишување на изборите до нивното завршување, ќе одговара со казна затвор од 3 до 5 години.
– Сите буџетски исплати во текот на изборниот процес мора да бидат јавно објавувани во посебна база за буџетски трошоци.
Со еден збор, злоупотребите за купување на избори се кривично дело, потсети Ванчо Узунов, потпретседател на СДСМ.




