Вакцинацијата против грип со комерцијални вакцини за ризичните групи граѓани ќе започне од 5 ноември. Годинава се набавени 21 000 дози вакцини за сите десет центри за јавно здравје, а само во скопскиот центар планирани се 5000 вакцини.
Министерството за здравство пак, информира дека набавува 28.000 дози вакцини кои се бесплатни за луѓето на 65 години. Според извори на НОВА, тендерот е распишан на 29 септември, а отварањето на понудите ќе биде на 25 октомври. Прашање е дали добавувачите ќе успеат да ги набават вакцините за толку краток период.
Од Министерството за здравство велат дека вакцинацијата ќе почне во ноември, за што сметаат дека е оптимално време, поради тоа што пикот на грипот се очекува да биде во февруари.
За здравствените работници пак, се набавени уште 10.000 вакцини преку донација.
Грипот веќе започна во државата. Во Институтот за јавно здравје има регистрирано 13 нови случаи. Седум заболени се регистрирани во Центарот за јавно здравје во Тетово, највисока инциденца се бележи во Центарот за јавно здравје во Штип (5,7 на 100.000 жители), а најниска во Центарот за јавно здравје Скопје (0,3 на 100.000 жители), се вели во извештајот на ИЈЗ.
Вакцината против грип создава имунитет по 14 дена од аплицирањето и трае околу осум до десет месеци. Во Програмата за имунизација за годинава опфатени бремени жени, деца на возраст од шест месеци до пет години, луѓе над 65 години, хронични болни, лица сместени во геронтолошки центри и вработени во овие центри и здравствени работници, информираат од Министерството за здравство.
Минатата сезона во државава повеќе од 20.000 граѓани беа заболени од грип, а 29 починаа од компликации од вирусот.
Србија за разлика од Македонија, со вакцинација на населението започна на 15 октомври, а на граѓаните им се на располагање 294 000 дози на вакцини.




