Европски лидери, вклучувајќи го францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, ќе се придружат утре на украинскиот претседател Володимир Зеленски на неговата клучна средба во Белата куќа со американскиот претседател Доналд Трамп, јави ДПА, пренесе МИА.
На разговорите во Вашингтон ќе присуствуваат и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и финскиот претседател Александар Стуб. Исто така, присуство најави и италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Германската влада соопшти дека темите на средбата ќе вклучуваат „безбедносни гаранции, територијални прашања и континуирана поддршка за Украина во одбивањето на руската агресија, што подразбира и одржување на притисокот со санкции“.
„Патувањето служи за размена на информации со американскиот претседател Доналд Трамп по неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска“, се вели во соопштението од Берлин.
Во Париз, Елисејската палата соопшти дека Макрон ќе продолжи со координацијата меѓу Европејците и САД со цел да се постигне праведен и траен мир. Овој мир мора да ја зачува безбедноста на Европа и егзистенцијалните интереси на Украина, се додава во изјавата.