Под мотото „Одиме напред, Македонија во ЕУ и НАТО“ вечерва во 15 градови низ државата ќе биде прославено добивањето на поканата за пристапни преговори за членство на Македонија во НАТО.

Прославата ја организира Владата на Република Македонија, а најавен е настап на околу 40 македонски музички ѕвезди.

„Македонија доби покана да стане членка на НАТО и има датум за преговори со Европската Унија. Се изборивме за сигурна иднина. Доаѓа време на надеж, на победи, на гордост. Време на сигурност и безбедност, се вели во објавената програма на веб-страната на Владата на Република Македонија.

За организацијата на целиот настан ќе бидат обезбедени средства од буџетот на Владата на Република Македонија, а сумата, како што информираат оттаму, ќе биде објавена веднаш штом се завршат сите пресметки.

И додека власта организира прослави, опозицијата се подготвува за протести –  ВМРО ДПМНЕ утре ќе протестира во Кавадарци. Од таму велат дека „власта ја слави капитулацијата и тоталната продажба на името, идентитетот,  јазикот и Уставот на нацијата“. Од партијата уште сметаат дека она што Заев го претставувал за успех,  граѓаните го добиле уште пред 10 години.

„Зоран Заев троши пари на граѓаните на еднодневна журка, за која нема ниту повод ниту причина. Овој настан ќе остане запаметен во историјата на државата како прослава за промената на името. Додека Заев ниже порази и понижувања за Република Македонија на меѓународен план, државата се распаѓа одвнатре поради неспособноста на СДСМ“ пишува во соопштението од ВМРО ДПМНЕ.