Под мотото „Биди и ти вистински василичар!“ денеска во Вевчани почнува годинашното издание на Вевчанскиот карневал, манифестација позната по паганството и традицијата со која на специфичен начин се одбележуваат настаните што ја одбележаа изминатата година.
За годинава се најавува богата програма со културно-забавни содржини и за најмалите, а главен адут на манифестацијата ќе биде гостопримството.
Организаторите најавуваат музичка програма, најбогата во историјата на карневалот.
Новина е и изложбата на карикатури, вели уметничкиот директор Мишо Китановски, на која ќе биде презентиран избор од дела пристигнати на првиот распишан конкурс. Целта е да се востанови Вевчанска галерија на карикатури. Најдобрите карикатури ќе бидат наградени со златна, сребрена и бронзена маска.
Предвидени се и пет точки, односно куќи на гостопримство во кои посетителите ќе можат да вкусат од традиционалните вевчански специјалитети, детско василичарско катче за изработка на маски, натпревари во греано вино и ракија, тркалање буриња, влечење јаже, цепење дрва, промоција на аудио ЦД, изложба на фотографии, промоција на книга, се само дел од активностите со кои Вевчанци и нивните гости ќе бидат анимирани во карневалските денови.




