Околу 200 средношколци од различни училишта, придружени со наставници и родители денеска на получасовен марш во Велес го искажаа револтот од задолжителното полагање на математика за матура, но и целиот концепт на екстерното тестирање.
Според најновата реформа на Министерството за образование, математика се воведува како трет задолжителен екстерен предмет на државната матура од годинава за гимназијалците, а од следната и за матурантите во средните стручни училишта.
Средношколците одлучно велат дека денешниот марш е почетен чекор со кој сакаат да го свртат вниманието на надлежните кон средношколците, и пред воведување на реформи конечно да почне да се практикува дебата.

-Протестите се да се испрати порака дека средношколците постојат и дека имаме проблем. Да беше се во ред немаше да излегуваме на улица. Маршот е почетен чекор со кој сакаме да посочиме дека нештата се постигнуваат со разговор и со дебата и бараме да се обврне внимание и на нас средношколците, вели за НОВА Кристина Пеева, средношколка од Велес.

Групата за време на маршот се движеше по главната улица „Благој Ѓорев“ во Велес, а настанот заврши со музичка програма во младинскиот парк во градот.

Учениците велат дека денеска добиле поддршка и од ученици од останатите градови и порачаа дека средношколските протести ќе се засилат во сите градови и идната недела.
Освен денешниот марш во Велес, во последните две недели средношколски протести се организираа и во Скопје, Куманово и Кочани.
Во меѓувреме и Средношколскиот пленум поднесе барање до Министерството за образование и наука и до Бирото за развој на образованието за мирување на законските одредби за екстерно тестирање.
„Екстерното тестирање е спротивно на европските образовни стандарди, е неспроведливо и е дел од „реформи“ кои само ќе ги продлабочат, наместо да ги разрешат образовните проблеми во државава! Континуираната проверка на знаењето и способноста на ученикот низ целата школска година не може, и не смее да се изедначи со проверката преку екстерното тестирање, која трае само неколку часа.
Поради тоа, Средношколскиот пленум бара одредбите од Законите за основно и средно образование кои се однесуваат на екстерното тестирање, итно и неодложно да бидат ставени во мирување! Понатаму, повикуваме на влегување во сеопфатна дебата, заснована на аргументи поткрепени со податоци и факти, со јасен концепт за очекуваните резултати и начинот на кој истите ќе бидат спроведени. Дебата во која ќе бидеме вклучени ние, учениците, како и наставниците, кои го сочинуваат столбот на образовниот систем не само во нашата, туку во која било демократска држава“, стои во барањето на Пленумот.




