Застојот на пржинскиот процес го доведува во прашање самиот процес, смета претседателот на Либералната партија, Ивон Величковски.
Тој на средбата на Извршниот комитет на партијата истакнал дека четирите партиски претседатели – кои се потписници на Договорот од Пржино, треба да потпишат заедничка изјава со недвосмислена поддршка на Специјалното обвинителство.
-Сите форми на преговарање треба да се прекинат додека меѓу учесниците на средбите во Пржино не се разјаснат некои основни прашања. Четирите партиски претседатели мора да потпишат заедничка изјава во која од сите нив ќе биде дадена енергична и недвосмислена поддршка на СЈО и неговиот состав, и ќе биде упатен повик да престане отпорот во сите институции кон работата на СЈО. На ваква потреба упатува изјавата на Могерини по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ и ваквите пораки одговорните политичари мора да ги разберат и искористат, смета Величковски.
Според него од првата следна средба на четворицата партиски претседатели треба да се побара помош од меѓународните претставници за изготвување акциски план за спроведување на препораките на извештајот на Прибе.
-Цивилната контрола врз тајните служби, медиумите, одвојувањето на партијата од државата, изборната регулатива, избирачкиот список… се нотирани слаби страни на секои, па и на „брзите“ избори за кои се залага Заев. И граѓананските протести покажаа дека без реформи, нема фер, демократски и кредибилни избори. Се друго е само тесна партиска калкулација. Ова укажува на можноста и потребата не само партии, туку особено граѓански претставници/активисти и експерти од областите да дадат придонес во креирањето одржлив, јасен и транспарентен пат на излез од кризата. Затоа, било какви преговори до исполнувањето на овие два предуслови се бесмислени и капитулантски, вели Величковски.




