Либералната партија ќе ги разгледа сите можности за соработка, засега знаеме дека сите сакаат да соработуваат со нас, вели за НОВА, лидерот на Либералната партија, Ивон Величковски.
По прашањето за евентуално настапување со заеднички претседателски кандидат, Величковски смета дека сеуште е рано да се зборува за такво нешто пред да се разгледат сите можности.
На вчерашната прес-конференција, градоначалникот на Карпош го најави основачкото собрание на Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ). Тој потенцираше дека ќе им понуди соработка на Српската напредна странка и на Либералната партија (ЛП).
Граѓанската опција ГРОМ најави дека прераснува во партија, но и дека ќе истакне свој претседателски кандидат на престојните избори во март 2014-та.
– Сакам да ве известам дека досега 1.100 наши симпатизери и приврзаници имаат потпишано нотарски заверени изјави со кои потврдуваат дека учествуваат во основањето на нашата партија ГРОМ. Изминатиот временски период многу граѓани ни пристапуваа и се интересираа за новата политичка опција, досега имаме 13.000 членови, очекуваме дека тој тренд на пораст ќе продолжи и ние полека, но сигурно наредниот период ќе се подготвуваме за изборите во март наредната година, рече лидерот на партијата Јакимовски.




