Тензично и со прекини се води надзорната расправа во Собранието за пресумпција на невиност, злоупотреба на притворот, загрозување на медиумските слободи.
Претседателот на надзорната комисија мораше да даде 10-минутна пауза бидејќи во салата настана гужва и караница откако опозицијата реагираше на тоа што тој и дозволи пет минути повеќе од предвиденото време за обраќање на новинарката Мирка Велиновска.
Пратеничката Светлана Мазгаловска Вучетиќ праша дали Велиновска како жена и мајка мисли дека е исправно две жени од случајот „Пајажина“ да седат две години во притвор, како и дали е точно тврдењето на поранешен началник на СДБ, кој сега е во притвор, кој во телевизиско интервју рекол дека сите информации кои доаѓале во СДБ биле објавувани преку Велиновска во весникот Пулс.
„Комисијата за лустрација ќе ви одговори дали СДБ односно ДБК објавувала информации преку мене, а јас бев првата која побара лустрација и на новинарите“, одговори Велиновска.
„А за притворот, мене во правна држава не ме интересира кој е мајка и кој е жена. Сите сме исти пред законот и Уставот“, одговори Велиновска.
Во своето обраќање Воислав Стојановски од Хелсиншкиот комитет истакна дека одговорни за условите во притворот се токму Собранието и Владата, кои се крајно супстандардни а во Хелсиншки пристигнуваат поплаки и за хигиената, недостапноста до медицински прегледи и слично.
„Портпаролот на МВР и Министерката за внатрешни работи се најголеми прекршители на пресумпција на невиност, а видеото објавено на МВР за апсењето на Љубе Бошкоски е школски пример за кршење на овој принцип“, истакна меѓу другото професор Мирјана Најчевска.
Според Најчевска примерот со бремената жена од случајот „Пајажина“ која беше притворена, и доживеа спонтан абортус, е метод на тортура.
На Комисијата политички систем и односи меѓу заедниците се води надзорна расправа „Анализа за почитување на уставно загарантираното право на презумпција на невиност, наодите за злоупотреба на притворот, загрозување на слободата на изразување и медиумски слободи и правото на изразување јавен протест во Република Македонија“.




