Том Думолин е победник на јубилејното 100 издание на „Џиро ди Италија“. Холандскиот велосипедист беше за 1:24 минути побрз од Наиро Квинтана на хронометар во последниот натпреварувачки ден и за 31 секунда на крајот имаше подобро вкупно време од Колумбиецот во генералниот пласман и 40 секунди во однос на домашниот адут Винченцо Нибали.
Победа во завршната етапа однесе Јос ван Емден од Холандија (33:08 минути), втор беше Думолин со задоцнување од 15 секунди, зад него се пласира Италијанецот Мануел Квинцијато (+27 секунди).
Виолетовата маичка (вредности: брзина, спринг, издржливост) му припадна на Фернандо Гавирија од Колумбија, сината маичка (вредности: лидерство, триумф, тимски дух) ја понесе Микел Ланда од Шпанија, а со белата (вредности: младост, ентузијазам, желба) замина Боб Јунгелс од Луксембург, најдобриот млад велосипедист на „Џиро ди Италија 2017“.
Најдобра екипа на првата престижна трка во сезоната е Мувистар.