Македонскиот павилјон на 61. Венециско биенале вчера беше свечено отворен со проектот „Пиета во прекривките на ургентноста / Will my eyes be closed or open?“ на уметникот Велимир Жерновски, во кураторска поставка на Тихомир Топузовски и Аманда Бецкес. Во просторот „Ex Capella Buon Pastore“, место со сопствена духовна и историска меморија, македонското претставување влегува во дијалог со една од најмоќните слики на европската културна историја – Пиета – но ја префрла во сегашност исполнета со бегалци, војни, кризи, телесна ранливост и прашање за човечката емпатија.
На отворањето се обрати државниот секретар во Министерството за култура и туризам, Марија С. Ѓоргова, која истакна дека македонското учество е „јасна потврда дека македонската култура има што да каже на јазикот на современата уметност“.




