Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, повеќе од двојно ја зголеми минималната месечна плата во земјата. Неговата одлука се случува во момент на хиперинфлација и силна девалвација на националната валута боливар.
Со Указот што го потпиша синоќа, минималната плата се зголемува од 18.000 боливари (3,46 долари по официјален курс) на 40.000 боливари (7,69 долари), а се обновува и плаќање со купони за храна вредни 25.000 боливари (4,80 долари).
Новата минимална плата покрива едвај десетина од расходите за основни прехранбени продукти. Со тие пари може да се купат само околу четири килограми говедско месо.
Од утре влегува во сила ембаргото на САД за венецуелска нафта што ќе биде дополнителен удар за лошата состојба во Венецуела. Според Мадуро, економските санкции веќе нанеле штети од 30 милијарди долари на економијата која добива 96 отсто од приходите од нафта.
ММФ оваа година најавува хиперинфлација во Венецуела од 10 милиони проценти.