Членовите и симпатизерите на Светскиот македонски конгрес на Тодор Петров како и неколку други здруженија, денеска пред Владата одржаа мирен протест во знак на посетата на шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос, со цел да испратат порака за признавање на името на земјата и идентитетот на Македонците.
Протестот помина мирно. Поворката која ја обезбедуваа голем број полицајци тргна од седиштето на Матица на иселениците и стигна пред Владата.
Демонстрантите од актуелниот претседавач на Советот на министри на ЕУ бараат почитување на правото на избор на име и држава, почитување на идентитетот, како и почитување на правата на македонското малцинство.
– И покрај сите хипотеки од историјата, подаваме рака на македонско – грчко помирување и договор за траен мир и добрососедство помеѓу Македонија и Грција. Доколку грчкиот геноцид над македонскиот народ, нацифашистичкото барање на Елада за промена на државното име Македонија се вреднува со солидарноста на Брисел и Стразбур, Македонците од целиот свет го отфрлаат пристапувањето на земјава во сојуз со ЕУ и НАТО алијансата – истакна Тодор Петров претседател на Светскиот македонски конгрес.
Евангелос Венизелос денеска не ги слушна пораките на демонстрантите. Додека траеше протестот тој имаше средба со македонскиот шеф на дипломатијата Никола Поповски, кој подоцна изјавата по средбата ја даде сам.
Според Поповски, на Венизелос не му се допаднала позадината на Министерството па оттаму и самиот ја давал изјавата. Тој информираше дека со неговиот колега од Грција разговарале за плановите на грчкото претседателство со ЕУ и за економски теми, но не и за спорот околу името.
Фото: Нова Македонија




