Ние поддржуваме заеднички прифатливо сложено име со географска одредница, кое ќе биде за севкупна употреба – ерга омнес. Тоа е конечно, јасно, функционално решение, изјави шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос во Њујорк, по средбата со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун.
– На овој начин и соседната земја ќе биде во можност да ја најде својата европска перспектива, што е многу важно и за неа и за нас, зашто сакаме целиот Западен Балкан да ја најде заедничката перспектива, нешто што е стабилизирачки фактор во нашиот регион. Ќе ја понудиме сета расположива помош. Ние сме големи инвеститори, голем сосед кој, со чувство на пријателство, може да помогне, секако само доколку постои добра волја, добрососедство и почитување на меѓународното право, изјави Венизелос.
Според кусото соопштение од кабинетот на Бан, спорот за името бил водечка тема на разговорите.
„Соговорниците разменија мислења за перспективите за решавање на спорот за името меѓу Грција и поранешната југословенска Република Македонија, вклучително и исходите од неодамнешната посета на личниот пратеник на генералниот секретар, Метју Нимиц“, пишува во соопштението.
Еврокомесарот за проширување, Штефан Филе денеска во Њујорк ќе се сретне со посредникот на Обединетите нации за грчко-македонскиот спор за името, Метју Нимиц.
Филе има намера на средбата со Нимиц да се увери дали има изгледи за решавање на спорот за името.




