Грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос за приоритетите на грчкото претседателство со Унијата, кое ќе почнe на 1 јануари следната година, на заедничка седница на парламентарните комисии за обрана и надворешни работи и за европски прашања, истакна дека сака почетокот на грчкото претседателство да се совпадне со отворање на пристапните преговори на Србија со ЕУ.
– Тоа е многу важно за да се истакнe грчката улога во однос на евроатлантската перспектива на сите земји од Западен Балкан. Во многу голема мера, тоа е поврзано и со грчко-албанските односи, ја пренесува МИА неговата изјава.
– Се разбира, тоа исто така е поврзано со Црна Гора, која има многу добра позиција во овој процес, како и со нерешените проблеми кои постојат во врска со Македонија и, се разбира, во однос на Косово, но таму наш приоритет е завршување на процесот на преговори меѓу Белград и Приштина, рече Венизелос.
Во однос на неодамнешната средба на медијаторот со германската канцеларка, Венизелос рече:
„Кабинетот на канцеларката појасни дека кусата средба на госпоѓата Меркел со господинот Нимиц во суштина беше дека Германија го поддржува едниот и единствен процес кој е во тек, процесот по наредба од Советот за безбедност, процесот на добри услуги од генералниот секретар , преку господинот Нимиц, што значи не и предлогот на европската комисија. Ова го кажа Германија. Земајќи го во предвид извештајот на европската комисија, кој не влијае на советот, бидејќи советот одлучува со консензус, Германија, со средбата со Нимиц, на највисоко ниво, испрати порака која треба точно да се протолкува и треба Скопје точно да ја протолкува, бидејќи се друго се погрешни впечатоци кои водат кон погрешни однесувања “, ја објавува Канал 5 изјавата на Венизелос за средбата во Берлин.




