Грчкиот вицепремиер и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос утре (21.09) ќе отпатува во САД, каде в недела во Њујорк ќе се сретне со генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, јавува Дојче Веле на македонски јазик.
Една од темите во разговорот се очекува да биде прашањето за името на Македонија, а ќе се дискутира и за Кипар и ситуацијата на Блискиот Исток.
Грчкиот вицепремиер на 12. септември ја информираше Парламентарната комисија за национална одбрана и надворешна политика за неговата средба со медијаторот Метју Нимиц, при што информира дека следниот состанок во врска со прашањето за името најверојатно ќе се одржи последната седмица од септември во Њујорк.
Тој и тогаш повтори дека Атина е за сложено име со географска одредница што се однесува на географскиот поим на името, а не на „политичкиот термин“, и оти е само за ерга омнес решение.




