Шефот на грчката дипломатија пред Комисијата за надворешни работи на ЕП за недавањето датум за почеток на преговори со Македонија ја обвини „државната идеологија во земјата и односите со соседите, посебно со Бугарија“, јавува Дојче Веле на македонски јазик.
Зборувајќи пред членовите на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, каде ги претстави приоритетите на грчкото претседателство со ЕУ, шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос, што се однесува до Република Македонија, изјави:
„Случајот со ПЈРМ ќе биде разгледуван без дискриминација“, а притоа тој нагласи дека веќе два пати се сретнал и разговарал со министерот за надворешни работи на ПЈРМ во Брисел и Њујорк.
„Имав контакти и со г-динот Ахмети, кој е лидер на албанската партија – дел од владејачката коалција, чија партија е умерена. Ние ќе продолжиме да имаме односи со земјата и се согласуваме дека во името на земјата треба да има географска одредница. Станува збор за име кое ќе дозволи негово користење на внатрешен и надворешен план.“
Понатаму грчкиот министер за надворешни работи призна пред европратениците дека не е лесно да се смени уставот за да се прифати една специфична одлука, но тоа може да се направи.
„Тоа е нерешено прашање (прашањето за името,н.з.), но можни се се‘ уште измени. Ние знаеме дека имаше промени на уставот. Во однос на земјата и почетокот на преговорите тоа не е само прашање на името, туку прашање за почитувањето на критериумите од Копенхаген, правната држава“, нагласи Венизелос.
На крајот тој со обвинувања до македонските власти го оправда недавањето на датум за почеток на преговорите со Македонија, за него причина се:
„Државната идеологија која е на сила во земјата во однос на другите земји, посебно кон Бугарија, потоа прашањата поврзани со вредностите на Европската унија или критеримуите кои земјата треба да ги почитува“.




