Венци свежо цвеќе по повод пристигнувањето на 45-те жртви во страшната несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија веќе се поставени на плоштадот Скендербег во Скопје.

За граѓаните кои сакаат да оддадат почит, се уште останува можноста тоа да го сторат на плоштадот Скендербег во периодот од 10 до 13 часот.

Министерството за надворешни работи синоќа информираше за измена на саатници при пречекот и испраќањето на загинатите од автобуската несреќа во Бугарија до нивните домови и вечни почивалишта.

Посмртните останки на 45 македонски граѓани кои загинаа во сообраќајната несреќа во Бугарија на 23 ноември се очекува денеска во девет часот да пристигнат на Меѓународниот аеродром Скопје, соопшти Министерството за надворешни работи. Останките на загинатите, како што претходно беше соопштено, ќе бидат пренесени со два бугарски воени авиона.

Воедно согласно барањата на дел од семејствата на загинатите, а со цел телата да бидат предадени пред петочната молитва, Министерството за надворешни работи синоќа информираше дека најавената поворка е откажана бидејќи останките ќе бидат веднаш упатени кон нивните домови и вечни почивалишта.