Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа во Белата куќа се сретна со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Како што објавија медиумите, Трамп и Орбан ја прифатиле анти-имиграциската реторика, а унгарскиот премиер се надева дека претседателот на САД ќе може да ја претвори таа позиција во глобална алијанса.
Иако Орбан се соочува со критики од ЕУ, Стејт Департментот и граѓанските организации поради неговата рестриктивна имигрантска политика, Трамп на вчерашната средба го пофали.
-Орбан ужива почит низ цела Еверопа, веројатно како мене малку контроверзен, но тоа е во ред, рече Трамп, објави Политико.
За идејата создавање глобална анти-имигрантска алијанса, Орбан веќе зборуваше на државното радио на Унгарија, потсетувајќи дека Унгарија и САД се меѓу ретките земји кои минатата година се спротивставија на Глобалниот миграциски пакт на Обединетите нации.
-Ова е тажен ден кога претседателот на САД одбива да го брани владеењето на правото и слободите во Европа. Европјаните ќе треба да преземат одговорност и самите да се борат за либералната демократија и академската слобода. И таа борба започнува веднаш, напиша на Твитер Ги Верховштад, лидер на европските либерали од АЛДЕ групата во Европскиот Парламент, екс белгиски премиер и координатор за Брегзит.





