Забраната да им се издава нов пасош или виза на азилантите што биле присилно вратени назад во Македонија, веќе не важи. Граѓаните, кои изминатите две години ја напуштаа државава и бараа азил во западноевропските земји, а кога беа депортирани назад им беа поништени пасошите, ќе може да си извадат нови, бидејќи на 25 минатиот месец Уставниот суд го укина став 1, точка 6 од член 37 од Законот за патни исправи, кој забрануваше повторно издавање пасоши на депортираните државјани на Македонија, објави денес “Вест”.
Уставниот суд, со оваа одредба, автоматски, го укинал и казнениот рок од една година неиздавање пасош на депортирано лице, кој беше наведен во членот 38 од Законот за патни исправи. Според овој член, граѓанинот што бил присилно вратен од западноевропските држави, за нов пасош требаше да чека 12 месеци, пишува “Вест”.




