Илјадници демонстранти во моментов се пред Собранието на Република, четврта локација за денеска на која повторно ги пречека полициски кордон.
Студенти, средношколци, активисти, родители со деца, пензионери во моментов пред Собранието скандираат „Оставка“, „Оставка“, а кон полицијата се упатуваат прашања „Имате ли вие деца“ и „Кого браните?“.
Протестот е мирен, а го следат бројни домашни новинарски екипи, но и медиуми од странство.
Демонстрантите претходно беа спречени да протестираат и пред Министерството за внатрешни работи и пред зградата во која живее премиерот Никола Груевски. И таму ги пречека кордон специјална полиција која не ги пушташе да поминат ниту луѓето кои живеат во близина на таа зграда ниту пак оние кои беа одеа во блиската болница.
Можеа да се слушнат извици „Пуштете не, сакаме да пријавиме убиство“, алудирајќи на убиството на Мартин Нешковски.
Демонстрантите првично беа спречени да се приближат и да протестираат пред Владата во 18 часот, по што се упатија кон МВР, поздравувајќи ги средношколците пред МОН.
Дел од средношколците се приклучија кон протестот на граѓаните и извикуваа „Николче диктаторче“.




