Унгарскиот европски пратеник Питер Ниделмулер од Социјалистичката партија за 1ТВ изјави денес дека прашањето на унгарскиот азил за Никола Груевски е европско прашање кое ќе биде отворено на повеќе нивоа во ЕУ.

Тој вели дека прашањето ќе биде, без сомнение, ставено на агендата на Советот  на министрите за надворешни работи на ЕУ на 6 декември. Уверен е дека Австрија, земјата претседавач со ЕУ, ќе го отвори ова прашање за дебата помеѓу министрите.

Ниделмулер најавува исто така дека за ова ќе се разговара и на пленарната сесија на Европскиот парламент на почетокот на декември и уверен е дека оваа иницијатива ќе добие поддршка од повеќе политички групи. Пратеникот му напишал отворено писмо на претседателот на Европската народна партија Манфред Вебер кој доаѓа од редовите на  ЦДУ, партијата на Ангела Меркел:

– Тој мора да каже што мисли за ова прашање. Ова е европско прашање и затоа мора Вебер да каже што мисли, вели Нуделмулер.

– Орбан сака да покаже дека тој може се. Орбан постојано се кара со целата ЕУ, со Брисел, со целата опозиција во Унгарија. Но верувам дека политичката цена за ова ќе биде висока бидејќи ќе остане уште поизолиран во своето политичко семејство, повеќе отколку досега. А од друга страна, сите европски земји што го видоа овој негов чекор, ќе бидат построги кон него и неговата партија и владата. Ова е тотално неприфатливо, вели пратеникот Питер Ниделмулер од унгарската социјалистичка партија.