Добитничката на Нобеловата награда за мир Уидед Башауи од Тунис официјално ќе поднесе номинација за Нобеловата награда за мир за оваа година да им биде доделена на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.
Зад оваа инцијатива стојат поранешниот амасадор Нано Ружин, новинарот Бранко Тричковски и европратеникот Стелиос Колуглу.
-Ќе ја најавиме кандидатурата на г. Заев и г. Ципрас за Нобеловата награда за мир за наредната година. Тоа ќе го најавиме заедно со г-ѓа Уидет Башауи, добитничката на Нобелот за мир во 2015. Луѓето од цел свет сакаат мир и стабилност на Балканот. Ова е нејзина иницијатива, но ве уверувам дека сите луѓе во Европа го сметаат Договорот од Преспа како единствена добра вест што доаѓа од Европа, вели Колуглу, во интервју со Борјан Јовановски.
За противењето на двете опозициски партии, во Грција и во Македонија, вели дека тешко ќе го објаснат пред меѓународната заедница.
-Лидерите на опозициите, националистите, пак ќе се најдат во многу тешка позиција да објаснат. Зошто? Веќе се во тешка положба затоа што двете нивни партии во Европа се за Договорот и го поддржуваат со ентузијазам. Исто е со Социјалдемократите на г. Заев, но и со конзервативците, Народната партија, на која ѝ припаѓа Нова демократија. Ќе мора да објаснуваат како тоа сите во Европа мислат дека Договорот е одличен, а вашата опозиција и нашата во Грција велат дека Договорот е лош, а истовремено тврдат дека се Европејци. Ако се Европејци, како тоа цела Европа е за Договорот, а тие се против, прашува Колуглу.




