Управата за финансиска полиција вчера до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување и „соизвршителство“ против поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) Васе Доневски и против странскиот државјанин В.Г. сопственик и управител на Друштвото за обезбедување и услуги „Сејкуриком мулти сервис интернационал“ ДОО Скопје.
Поранешниот директор на СОЗР, според директорот на Финансиска полиција Арафат Муареми во текот на 2015 година свесно и со однапред утврдена намера ја искористил службената положба со тоа што и овозможил на „Секјуриком“ да се појави како повеќе различни компании, иако сите биле поврзани меѓу себе.
Друштвото за производство, трговија и услуги „Серта“ ДОЕЛ увоз – извоз Скопје и Друштвото за хигиенско-технички услуги „Техночист“ ДОО Скопје , пред јавната набавка имале соработка со „Секјуриком мулти сервис интернационал“.
Друштвото за трговија и услуги „Еко клининг“ ДОЕЛ Скопје е фамилијарно поврзано со „Серта“ ДОЕЛ.
Пријавените склучиле договор за извршување на услуги прекршувајќи го Законот за јавни набавки со што оформиле неделива постапка за јавна набавка која меѓусебно опфаќала пет дејности коишто не се поврзани: одржување на хигиена, тековно одржување, дактилографски услуги, услуги за обезбедување и ПП заштиа и услуги за оперирање со ТТ централи за органите на Државната управа. Сето тоа, било со намера да се намали и елиминира конкуренцијата, ја избегнале можноста и за електронска аукција со која ќе се овозможи конкурентно наддавање и намалување на цената на услугите. „Секјурикум мулти сервис интернационал“ се стекнало со противправна имотна корист во износ од 660.834.855 денари.
Петровска објасни дека истите простории сега се чистат за речиси половина од цената постигната на спорниот тендер, поточно за 45 проценти, само затоа што на новиот тендер била овозможена конкуренција при наддавањето.
Финансиската полиција три месеци го истражувала случајот и вчера со судска дозвола упаднала на неколку локации, каде нашла документи што претходно не можела да ги обезбеди од СОЗР. Запленила неколку електронски уреди, УСБ-иња и возило, кое било во сопственост на „Секјуриком“, но приватно го возел поранешниот директор на владината служба Васе Доневски.