Повеќе од 3000 тетовци го подржаа денешниот протест против аерозагадувањето кој се одржа на градскиот плоштад а потоа продолжи со марш по главниот булевар Маршал Тито.

Учесниците порачаа Владата да не си поигрува со нивното здравје а беа истакнати и пораки на кои пишуваше „Полека тетовци го губат здравјето“, „Владата ја субвенционира смртта во Тетово“, „Груевски е убиец на Тетово“.

– Ние не се откажуваме од протестите. Добро е што граѓаните ни даваат се поголема поддршка. Според податоците од Центарот за јавно здравје, половина од загадениот воздух е предизвикан од Југохром, кој работи без никакви еколошки стандарди. Треба и општината да преземе мерки да се намали аерозагадувањето. Немаме доволно паркинг простор, немаме зеленило, имаме диви депонии, но за да се решат овие проблеми потребно е време.

– Затоа инсистираме да се затвори Југохорм за тоа е потребна само една владина одлука, па потоа ќе бараме локалните власти, постепено да ги решава и другите фактори кои го загадуваат воздухот, изјави Аријанит Џафери претседател на еколошкото здружение ЕКО Герила.

Дел од повозрасните учесници на протестот, не ни помислувале дека Тетово ќе биде најзагаден град во Европа.

– Јас сум роден тука, но мојот татко е дојден од Романија по бегалската криза во Егејска Македонија. Тој избрал да живее во Тетово поради чистиот воздух и чистата вода. Сега е сосема обратно, најверојатно ќе треба да се преселиме од Тетово поради загадената животна средина, изјави еден тетовец.

Протестот го поддржаа голем број на невладини организации, здруженија на граѓани а беа присутни и универзитетски професори и здравствени работнци.

– Во Европа не смее да има загаден воздух повеќе од 25 дена. Тука повеќе од 300 дена е загаден воздухот, со над 20 пати повеќе ПМ 10 честички од дозволените граници. Страдаат најмногу децата, затоа што ситната прашина од ПМ 10 честичките, навлегува директно во организмот и ги нарушува кревките органи на најмалите, изјави Д-р Џавид Фејзули специјалист по хигиена и здравствена екологија.

Од Здружението ЕКО Герила, најавија за наредниот период, нови порадикални протести против аерозагадувањето.