Министерството за образование, наука и култура и Синдикатот (СОНК) постигнаа договор за зголемување на платите за 15 отсто што ќе се применува со исплата на септемвриските плати, соопшти вечерва министерот Јетон Шаќири по средбата со претставници на СОНК.

Министерот Шаќири изрази задоволство од компромисот до кој е дојдено со посредство на медијатор и порача дека ќе нема кратење на платите за периодот на штрајк кој траеше 12 дена.

„И двете страни се согласивме да ги прифатиме предлозите на медијаторот кој е вклучен во преговарачкиот процес, во однос на сите теми кои беа отворени и причините за штрајкот во образованието кој траеше 12 дена. Повисоки плати во образование ќе има, освен порамнувањето што го донесовме со минимална плата. Се договоривме за зголемување на платите за сите вработени во образование за 15 проценти“, рече министерот за образование, Јетон Шаќири по вечерашната средба со претставници на СОНК во Министерството.

На средбата што се одржа во Министерството за образование и наука, се допрецизирани и колективните договори и договорено е во иднина при креирањето на буџетот заеднички да се разговара со Синдикатот.

Препораките од помирувачот ќе бидат претставени пред членството на Синдикатот, а претседателот на СОНК, Јаким Неделков се надева дека ќе бидат прифатени по што најдоцна за 10 дена треба да биде потпишана спогодба меѓу СОНК и МОН.

„Се надевам дека членството ќе ги прифати препораките од помирувачот“, изјави Неделков по состанокот.

Со ова на истекот на законскиот рок, двете страни со посредство на помирувач назначен од Министерството за труд и социјална политика, најдоа заедничко прифатливо решение за барањата на Синдикатот.

Штрајкот во градинките и училиштата почна на 11 април со барање за зголемување на платите од 18,4 проценти. На 28 април штрајкот беше ставен во мирување откако синдикатот доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека МОН бара мирно решавање на работниот спор со посредство на медијатор. По назначувањето на медијаторот, почна процесот на помирување меѓу СОНК и МОН кој на истекот на законски утврдениот рок од 20 дена заврши со усогласување на ставовите на двете страни.