Група од 40 луѓе, утринава околу 2 ипол часот ја завземале полициската станица во Гошинце, Липковско. Напаѓачите носеле ознаки УЧК, биле добро вооружани и зборувале на албански и според првичните информации се работи за лица од Косово, информираат од МВР.
-Државните институции утринава беа цел на терористички напад. Имено, околу 2 часот и 30 минути по полноќ, поголема група од 40 лица ја нападнаа караулата Гошинце во близина на северната граница. Лицата биле добро вооружени и носеле маскирни униформи со ознака на УЧК. При нападот биле заробени 4 полициски службеници кој во моментот биле дежурни во караулата… Лицето кое ја предводело групата на алабнски јазик преку преведувач им се обратил на врзаните полицајци со следниве зборови „Ние сме од УЧК, пренесете дека ниту Ахмети, ниту Груевски не може да ве спаси. Ние сакаме наша држава и не сакаме никакви Охридски договори, повеќе никој не смее да дојде нагоре. Доколку вас или било кој друг фатиме повторно сите ќе ве ликвидираме“, изјави портпаролот на МВР, Иво Котевски.
Напаѓачите зборувале на албански јазик и според МВР со камера го снимале инцидентот. Тие им дале половина час рок на полицајците да ја напуштат караулата, а полицајците откако пеш го напуштиле местото, по половина час слушнале рафал од автоматско оружје.
Портпаролот на МВР Иво Котевски не даде повеќе информации околу случајот, како и околу тоа дали разбојниците се уште ја држат под опсадата полициската станица.




