Минатата, 2021 година, е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првата половина на 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи.
„Во рамки на оперативниот план на Министерството за внатрешни работи – „Безбедно лето“, во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност од Скопје, продолжуваме со активностите со цел подигање на нивото на сообраќајна култура. Денеска во Куманово беше спроведена превентивна кампања насочена, пред сè, кон возачите на мотори, на велосипеди и на електрични тротинети „Носи кацига, вози безбедно, вози одговорно!““, велат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Ваквите превентивни акции директно влијаат на подигање на нивото на сообраќајна култура, а на тој начин се намалува бројот на жртви во сообраќајот.
„Безбедноста во сообраќајот е одговорност на сите нас и сите заеднички мора да го подигаме нивото на сообраќајната култура. Токму како резултат на активностите што ги спроведуваме во изминатите години е евидентен трендот на опаѓање на бројот на жртви во сообраќајот секоја година, но, се разбира, и една жртва за нас е многу, па затоа продолжуваме интензивно да работиме за уште повеќе да ја намалиме оваа бројка, истакна помошник министерот за односи со јавност во МВР, Тони Ангеловски.
Минатата година беа регистрирани 116 жртви, што претставува година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години. Податоците од првата половина на 2022 година, пак, покажуваат дека продолжува трендот на намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи. Во првата половина на 2022 година има 44 жртви, што е за 14 помалку споредено со истиот период лани, кога имало 58.
„Оваа кампања што денеска ја спроведуваме е да влијаеме на свеста на возачите и на тој начин самите да си ја зголемат безбедноста. Ова особено важи за возачите на мотори, но и за возачите на електрични тротинети, кои се се помногубројни. Носењето кацига може да ви го спаси животот“, посочи Ангеловски.
Тој потенцира дека покрај превентивните акции, продолжуваат и засилените акциски контроли за санкционирање на оние учесници во сообраќајот што не ги почитуваат правилата.
Дејан Андоновиќ од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата потенцира дека овие кампањи имаат за цел да ја подигнат јавната свест и сообраќајна култура.
„Со летните темпператури, но и со зголемените цени на горивата, на улиците е забележливо големо присуство на велосипедисти, луѓе кои се движат со мопеди, а во поново време и со електрични тротинети. Мошне е важно оваа категорија на учесници во сообраќајот да внимаваат како се однесуваат во сообраќајот, и во рамките на правилата и прописите да се движат во пропишаните места и со пропишана брзина на движење. Колку автомобилите се опасност за велосипедистите и мопедистите, толку оваа категорија претставува сериозна опасност за пешаците. Значи сите категории во сообраќајот, доколку се движат во пропишаните норми, ќе ја намалат опасноста од евентуални сообраќајни инциденти“, рече Андоновиќ.
Лицата кои управуваат електрични тротинети, покрај осветлувањето треба да носат и рефлектирачки елеци во вечерните, ноќните и раните утрински часови, апелираат од МВР.