Индискиот тајкун Субрата Рој вчера утрото беше уапсен во градот Лукнов откако самиот и се предал на полицијата.
Во средата беше објавен налог за негово апсење поради тоа што не се појавил пред суд во врска со обвинение за измама, тој ќе остане во притвор до 4 март, откако судот не ја прифати неговото барање, оценувајќи го како „не е итно“.
„Субрата Рој самиот и се предаде на полицијата во Лукнов. Тој соработува со сите власти,“ изјави на прес-конференција во Њу Делхи, неговиот син, Семанто Рој.
Полицијата вчера изврши претрес во една од неговите куќи, но не го пронајде. Тој истакна дека излегол да се консултира со лекари во врска со нарушеното здравје на неговата мајка.
Две фирми од компанијата „Сахара груп“ на Рој се обвинети дека стекнале 240 милијарди рупии (3,9 милијарди долари) преку нелегални хартии од вредност. Пазарните регулатори тврдат дека Рој не рефундирал милиони долари на инвеститорите, наспроти судските одлуки.
Од претставништвото на компанијата „Сахара груп“ во Македонија вчера со соопштение до јавноста информираа дека инвестициите на Субрата Рој во земјава не се загрозени, а Владата остана без коментар.
Двајцата синови на Субрата Рој минатата година добија македонски државјанства, а според информациите од владата дадени пред неколку месеци, Субрата Рој немал поднесено вакво барање, а доколку поднесе, истото ќе биде разгледано.



