Новиот бугарски премиер Кирил Петков кој минатата недела ја заокружи со првата посета на НАТО и на ЕУ во Брисел, изјави дека спорот со Северна Македонија бил една од темите на која разговарал со претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен. Во изјава за медиумите пред седиштето на Унијата, Петков рече дека ја информирал Фон дер Лајен дека по стапувањето на должност на новиот премиер во Северна Македонија тој би дошол во Скопје на средба во рамките на која би се конституирале петте работни групи кои би се сретнувале на месечно ниво за да го чекираат направеното. За рокот од шест месеци, Петков рече дека излегол провизорно со тој тајминг зашто очекувал дека на петте групи би им требало реално толку време за да покажат резултати но не би имал ништо против ако нештата се движат и побрзо.

–  Во сферата на групите  е она што го напишавме во коалициониот договор, а тоа е дека треба да ја надградиме позицијата со тие работни групи кои треба да се случат но не за политичка работа туку за реална работа. Што значи тоа, тоа значи да почнеме да зборуваме за инфраструктура и да мислиме како тоа може да се направи. Таа железничка врска меѓу Софија и Скопје да не биде некаква политичка тема туку да биде реалност со планови, буџети и со датум на исполнување. Економијата- убаво е да видиме бугарските бизнисмени да можат да продваат на македонскиот пазар и обратно македонските бизнисмени во Бугарија. Кога луѓето имаа реален интерес од добрососедството тоа го препознаваат. Не само да зборуваме за Историја, таа е многу важна, но не само да зборуваме за Историја како единствена тема, истовремено треба да имаме развој.Сите Бугари знаеме дека е подобро да сме добри соседи отколку да не сме тоа е факт и е јасно. Бугарскиот интерес треба да биде заштитен но тој треба да биде заштитен и надграден со сите можности од општата работа. Кога сме кај Балканот,имаме 65 милиони луѓе на Балканот, сите сме се заградиле и разделиле и сите зборуваат контра другиот. Ние како пазар сме како Франција а учинокот е блиску до минималното. Толку многу имаме да ќариме од тие можности од двете страни на границата. Тогаш дискусиите за компромиси во точките кои ни се важни вклучително и за правата на Бугарите во Македонија не треба да се чувствуваат дискриминирани и под ризик, мислам дека тогаш нештата ќе бидат подобри. Треба да ја свртиме реториката за позитивното не за негативното. Очекувам сите овие активности да се случат максимално брзо, уште со стапувањето на должност на новиот премиер да направиме средба таму и да ги направиме тие работни групи и да се среќаваат секој месец.. и колку имаме напредок на тие работни групи зависи од тоа каков позитивен резултат тие пет групи ќе донесат.Треба да имаме вистинска работа со вистински резултати, изјави бугарскиот премиер Петков во петокот по средбата со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен во Брисел.

Прашан дали очекува поддршка за овие свои перспективи, Петков рече дека не верува некој од политичките лидери во Софија да не сака поголема бизнис соработка со Скопје, или железничка линија или пак општ културен календар.

М.Т.