Им се заканувале дека нема да одат на екскурзија доколку се појават на средношколскиот протест денеска, дека ќе имаат неоправдани и санкции за непослушноста. Вака дел од раководството во дел од скопските училиште се обиделе да го спречат денешниот масовен марш со кој учениците уште еднаш порачаа дека потребно е да се стави крај на лошиот концепт за државна матура.

-Ни се закануваа дека доколку отидеме на протестот, големи се шансите да не нè пратат на екскурзија. Се заканија директорката, педагогот и останатите од Управата. Им кажавме дека демократско право е да се излезе на протест, но рекоа дека немале да прават толку големи проблеми доколку излеземе после часови, вели за НОВА средношколец од скопската гимназија „Јосип Броз-Тито“.

-Директорот ни кажа дека ако не се вратиме на втори час ќе преземат санкции, нема да додиме на екскурзија. Рече дека не му е гајле што тоа е наше демократско право. Не е бунтовно само да кажеме што мислиме и немаат право така да ни прават, вели средношколка од скопската гимназија „Раде Јовчевски Корчагин”.

И покрај ова, маршот на средношколците денеска помина со масовна бројка. Ученици до различни училишта и различна возраст ечеа низ Скопје викајќи „Ние сме иднината“ и „Не за математика“. Ученичкиот марш започна од Градскиот парк – Фонтана во Скопје, а колоната од илјадници средношколски продолжи по булевар Климент Охридски се до вратите на Министерството за образование.

Тие според најновите измени за државната матура ќе треба да полагаат и математика како трет задолжителен предмет.

Дел од пораките кои средношколците денеска ги презентираат на транспаренти гласат „Стоп за лошите реформи“, „Не за новиот концепт за државна матура“, „Ќе паднам матура заедно со системот“, „Мамо зошто не ме роди година порано“ и слично.

Како што се приближуваа до ресорното министерство така студентите стануваа сѐ погласни.

Додека средношколците извикуваа „Вас да ве тестираме“ и „Ние сме иднината“, министерството беше обвиено со кордон од полиција, а дел од вработените во МОН, протестот го следеа од прозор.

Говор пред МОН одржа ученичката Евгенија Јанакиевска, која на надлежните им порача дека имале шанса да го подобрат образованието, но ја пропуштиле.

-Сите овие години молк беа ваша шанса да запрете, шанса да го подобрите образованието, шанса да не мотивирате. Шанса која не само што не ја искористивте, туку не ја ни приметивте и згора на тоа упорно продолживте со галоп на див коњ да не туркате до крајни граници – рамно до дно!, рече Јанакиевска во својот говор.

Во меѓувреме, Средношколскиот пленум поднесе барање до Министерството за образование и наука и до Бирото за развој на образованието за законските одредби за екстерно тестирање да се стават во мирување.

„Екстерното тестирање е спротивно на европските образовни стандарди, неспроведливо е, и е дел од „реформи“ кои само ќе ги продлабочат, наместо да ги разрешат образовните проблеми во државава! Континуираната проверка на знаењето и способноста на ученикот низ целата школска година не може, и не смее да се изедначи со проверката преку екстерното тестирање, која трае само неколку часа.

Поради тоа, Средношколскиот пленум бара одредбите од Законите за основно и средно образование кои се однесуваат на екстерното тестирање, итно и неодложно да бидат ставени во мирување! Понатаму, повикуваме на влегување во сеопфатна дебата, заснована на аргументи поткрепени со податоци и факти, со јасен концепт за очекуваните резултати и начинот на кој истите ќе бидат спроведени. Дебата во која ќе бидеме вклучени ние, учениците, како и наставниците, кои го сочинуваат столбот на образовниот систем не само во нашата, туку во која било демократска држава“, стои во барањето на Пленумот.

НОВА побара од министерството за образование да се изјаснат дали министерот Адеми е запознаен дека средношколците во повеќе градови протестираат, дали ќе постапи по нивните барања и дали ќе отвори сеопфатна дебата околу реформите во основното и средното образование. Одговор на нашите прашања од ресорното министерство сè уште нема.