Тридневен штрајк во текот на целото работни време, кој во петок ќе прерасне со протест пред Собранието, Влада и пред Министерството за правда, најавува Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани.
Денеска сите вработени во скопските судови се на свои работни места, но судењата се одлагаат. Се работат само итните и притворските предмети, а на протестот во петок ќе се приклучат и вработените во судови од останатите градови.
Судската администрација бара исплата на 5 ветени проценти за целата администрација, зголемување на платите на судските службеници и враќање на работното време од 7 ипол до 15:30.Дополнително, тие бараат да престане државното оценување и казнување на вработените.
-Она што нас се загрижува е што иако штрајкот беше уредно пријавен, се уште нема одговор од министерството за правда дали го прифаќаат Законот за судска служба и не ни излегуваат во пресрет. Бараме вработувањето да се регулира поинаку, да има повеќе интерни огласи за поголемо напредување во кариерата, бараме измена на оценувањето и казнувањето и ред други барања, изјави Трпе Дејановски координатор на штрајкувачкиот одбор при УПОЗ.
Оние адвокати кои денеска ги сретнавме во Основен суд Скопје 2, иако велат дека судењата им се одложиле на сопствена иницијатива го дале својот потпис за барањата на судската администрација, за којашто велат дека има потполно легитимни барања.
„Судењето се одложи, го почитуваме штрајкот на администрацијата, луѓето си ги бараат своите права, судиите се на своите работни места, ги одлагаат судењата, рече накусо една адвокатка.
„Го поддржувам штрајкот бидејќи е најдемократско средство за остварување нечии права. Овде правата навистина им се згазени и на судии и на службеници, ако негде се работи максимално, тогаш тоа е овде. Има многу лоши услови,а мизерни плати, ако може да се фрлаат милиони, милијарди на глупости, на тие што заслужуваат тие треба да бидат солидно платени, најмалку дупло од ова што земаат. На земјината кугла нема пониски и победни плати од овие што ги земаат вработените во судовите во земјава. Така власта ги сроза судовите, затоа треба пожестока реакција, тоа се нивни елементарни права.“, појасни еден од адвокатите чие рочиште се одложило денеска.
Штрајкот доаѓа откако Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судска администрација ги прогласија за неуспешни преговорите со Министерството за правда околу измените на Законот за судска служба. Преговорите почнаа како резултат на предупредувачкиот штрајк што беше одржан на 3 декември 2015 година. Од Министерството за правда се уште нема официјален одговор на барањата на судската служба.




