Со поместувањето на Првостепената комисија, одлуката за абортус до 22-та недела од бременоста ќе биде исклучиво одлука на жената која повеќе нема ниту да мора да прибира документи од надлежните институции во случај на неочекувани социјално-економски околности или кога бременоста е последица на сексуално насилство.
Доследното спроведување на Законот за прекинување на бременоста, во чие изготвување учествуваше и ХЕРА како една од претставничките на Платформата за родова еднаквост, подразбира и подготовка на клиничко упатство за безбеден абортус, вклучувајќи го и медикаментозниот абортус, како и регистрирање на лековите за медикаментозен абортус.
Само со обезбедување квалитетна и достапна абортусна грижа ќе се намали стапката на нелегални абортуси, а репродуктивниот живот на жените, мажите и семејствата ќе стане безбеден и слободен.
Од ХЕРА велат дека се залагаат за поголема рамноправност на жените во секоја област на општественото живеење.
„Ние веруваме дека секоја жена треба слободно да одлучува за своето тело. Жената треба слободно да ги донесува сите одлуки во својот живот, вклучително и одлуката дали и кога ќе основа семејство и колку деца ќе има. Истото важи и кога е бремена. Бремената жена најдобро знае низ што минува, со какви предизвици се соочува и што е во најдобар интерес за неа и за нејзиното семејство – особено доколку во текот на бременоста се појават медицински или социјални проблеми. Со или без партнер, таа самата знае што е најдобро за нејзиното здравје и само таа може да донесе одлука за својата добросостојба. Притоа, поддршката од нејзиниот лекар е секогаш добредојдена и корисна.“, велат од ХЕРА.
Од оваа Асоцијација посочуваат и како медиумите да известуваат за абортусот. Од таму потенцираат дека треба да се користат точни информации со статистички показатели и со здравствените податоци во државата.
Фотографиите кои се користат во прилозите и текстовите за абортус да бидат одраз на јавно-здравствената состојба во државата или на политиките и кампањите кои се водат од организациите и поединците кои се залагаат абортусот да биде безбеден и пристапен за жените (активисти, здравствени работници, пратеници).




