На една лента средношколците а на друга студентите, од двете страни на улицата која води од Владата кон Министерството за образование и наука ечат зборовите „Заедно сме посилни“.
Пред да тргнат кон МОН, средношколците и студентите се сретнаа пред Владата каде студентите им предадоа факел на помладите и легнаа и на земјата во знак на поддршка на убиените студенти од Кенија.
Средношколците бараат прием од министерот Адеми.
„Преку матурава“, „Стоп за лошите реформи“, „Експерименти се прават во лабораторија а не врз ученици“, се дел од транспарентите со кои средношколците ги пренесуваат пораките до надлежните.
Нивните барања се враќање на стариот концепт на полагање на државна матура. Законот за екстерното тестирање да биде ставен во мирување и електронското полагање на државна матура да се укине.




