Речиси 30 илјади нерегистрирани монети биле пронајдени во службена просторија на Музејот на Македонија, при претресот кој го извршиле полициските службеници.
Полицијата вчера го претресе Музејот и домовите на осуммина уапсени кои се сомничат дека се одговорни за исчезнувањето на вредни артефакти од Музејот.
Вкупно во Музејот на Македонија со инвентарни броеви биле регистрирани 3.341 монета, додека десетпати повеќе лежеле во обична просторија без да бидат воопшто регистрирани, откри министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска. Во последните 10 години, во евиденција биле внесени само 18 монети.
Од денеска запечатен е и Музејот во Охрид, поради исти индиции и претрес како и Музејот на Македонија во Скопје.
Откако Јавното обвинителство вчера најави дека ќе бара притвор за осуммината осомничени поврзани со кражбата во Музејот во Македонија, судијата во предистражната постапка одлучи мерка притвор од 30 дена за седуммина од нив, додека Паско Кузман, кој исто така бил дел од кражбата, ќе остане во куќен притвор, откако судот таквата одлука ја донесе јули минатата година, за случајот „Фаланга“.
Како што информираше вчера портпаролот на МВР, Иво Котевски, осомничени биле осуммина, кај кои биле извршени и претреси за злоупотреба на службената положба.
Според последните информации, „мозокот“ на кражбата бил златар од Скопје. Директорот на Музејот на Македонија, Дарко Кржовски ги предавал предметите на златарот Ч.К, кој изработувал реплики на истите.
Неколку пати, поединечно или групно, осомничените успеале на реверс да земат артефакти од Музејот на Македонија, па му ги давале на златарот. Тој пак, по извесен период им ги враќал, а од документацијата на Музејот е откриено дека од земените 14 артефакти, само пет се вратени назад.
Истрагата за кражбата во Музејот траеше три месеци.




