Општина Струмица го има најголемиот тендерски скандал во Македонија. 138.766.399 денари е вредноста на 29 јавни набавки кои досега и беа презентирани на јавноста, а ги доделил Зоран Заев и директорите кои тој ги поставува на фирми што се во директна фамилијарна и сопственичка поврзаност со нив.
Ова на денешната прес-конференција го соопшти Иво Ивановски од ВМРО-ДПМНЕ, кој потсети дека општина Струмица и нејзините институции давале јавни набавки на фирми во кои сопственици се или биле роднините на Зоран Заев.
– Од СДСМ нема одговор на овој најголем тендерски скандал што се случил во Македонија. СДСМ и нејзиниот претседател не собраа храброст да ги признаат фактите и да признаат дека целата фамилија Заеви учествувала во овој организиран систем. Нивната одбрана се сведе на измислување и креирање манипулации против лица од ВМРО-ДПМНЕ со цел да не замолчат. СДСМ се надеваше дека така работите ќе останат под тепих. Тоа ние никогаш нема да го дозволиме. Тоа не е начин на работа, потенцира Ивановски.
Целата јавност, како што рече, веќе го дознава скандалозниот систем на чија основа Зоран Заев креирал бизнис империја.
– Тој систем се вика октопод. Политиката е само негов начин како да дојде до пари за фирмите од неговата фамилија. ВМРО-ДПМНЕ го разоткри во целост ваквиот систем во кој Зоран Заев не е сам, тој вклучил и други високи партиски функционери на СДСМ. Доказ за тоа се јавните набавки од општина Струмица кои ги добивал шурата на сегашниот пратеник на СДСМ Панче Орцев, а тој пак како директор на ЈКПД Комуналец за возврат давал јавни набавки на фирмите од кланот Заеви, информира Ивановски.




