Гори дел од Центарот за азил во Визбегово. Бегалско семејство ја запалило собата каде што престојуваат во знак на револт бидејќи ги држат затворени од април и не можат да заминат од Македонија. Видеото во НОВА го испрати еден од бегалците и го прикажува моментот кога бил предизвикан пожарот.
„Пожарникарските екипи се на терен и ја следат состојбата“, потврди вечерва за Телма, Благоја Менковски, командант на противпожарната служба. Според него пожарот бил предизвикан од страна на една жена сместена во центарот која запалила хартија.
Станува збор за неколку семејства од околу 30 луѓе , повеќето жени и деца,кои и покрај тоа што имаат дадено изјави пред Јавен обвинител и сведочеле против криумчарите, се уште се држат затворени и не можат да заминат од Македонија.
Според информациите до кои дојде НОВА, тие за цело време биле држени во Центарот во Гази Баба, а пред извесно време биле префрлени во Визбегово. Во невладината организација „Легис “ ја потврдија информација и велат дека моментот таму интервенира полицијата. Од МВР се уште не ја потврдиле информацијата.




