Исправно постапил кога минатата недела во Атина, по средбата со својот грчки колега Евангелос Венизелос, ја нарекол Македонија „Поранешна југословенска Република Македонија“, смета Кристијан Вигенин, министерстот за надворешни работи на Бугарија.
– Има запис од нашите изјави, да тоа е официјалното име на Македонија, на Република Македонија, кое се употребува во рамки на Европската унија и од Грција. Како гостин на Грција, не сметам дека направив грешка што го употребив тоа име, ја пренесува МИА изјавата на Вигенин за бугарското национално радио.
Според него „Бугарија нема никаква врска со проблемот за името и ја признала Македонија под уставното име кое го употребува во билатералните односи“.
Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Грција Евангелос Венизелос минатата недела во Атина го прими шефот на бугарската дипломатија Крстијан Вигенин со кого разговараа и за односите на двете земји со Македонија, како и за евроатлантските интерграции на нашата земја.
На прес-конференцијата по средбата, Вигенин ја нарече Македонија – поранешна југословенска Република Македонија, што предизвика реакции во македонските медиуми.




