Извршниот заменик претседател на Атлантскиот совет Дејмон Вилсон, кој учествува на Охридскиот дијалог смета дека Северна Македонија се движи низ извонреден историски процес на цементирање на својата сувереност, независност, на закотвување на својата статешка  определба да биде дел од Западот.

-Има забавување на процесот на нејзиното евроинтегрирање, направена беше грешка во Брисел, тоа е разочарувачко. Но, во основа нема никаква промена. Она што се случува сега е голем историски процес, земјата ја зацврстува својата позиција на интегрирање кон Запад, а тоа го прави преку отвореноста на општеството, позитивните демократски процеси, враќањето на владеењето на правото, отворање кон нови економски можности, вели Вилсон во интервју за МИА.

Според него, одлуката на Сенатот на САД да го поддржи приемот на Македонија во НАТО е мошне голема работа.

– Тука бев и за време на конфликтот кога земјата беше соочена со опасност од граѓанска војна, поделби, уништувања. Земјата мина тежок пат, но сега е пред вратата на НАТО. Нејзината сувереност, безбедност е дефинирана. Таа ќе биде дел од нашето семејство, од НАТО Алијансата. Ќе биде дел и од ЕУ, и подобро е тоа да се случи порано отколку подоцна, сметам дека земјата го заслужува тоа, вели Вилсон.

Тој уште истакна тоа што Франција не дала зелено светло за отпочнување преговори за членство на земјата кон ЕУ е повеќе проблем не на Македонија туку на САД, на Британија, Европа.

– Западните демократски општества во моментов се соочуваат со своевиден популистички отскок. Не треба да чуди кога во услови на несигурност за иднината на ЕУ една од членките ќе рече дека е време за пауза. Тоа не е добро за Северна Македонија, не е правилно. Оттаму разочарувачка е одлуката на ЕУ, но на тоа треба да се гледа како на отскочна штица. Стратешката насока е силна, стратешката позиција на Македонија е јасна, така што ќе стигнеме таму, ниту во еден миг не се сомневаме дека земјата ќе биде дел од ЕУ. Токму затоа Атлантскиот совет има јасна програма за Балканот, посветени сме на идејата на поддршка на лидерствата што се решени да ги трансформираат своите семји, а за возврат да им ги отвориме вратите на нашите институции, вели Дејмон Вилсон во интервју за МИА.