Дејмон Вилсон, извршен потпретседател на Атланскиот Совет на САД, во сведочењето пред Комисијата за надворешни работи на американскиот Сенат, повика САД да обезбедат прием на Македонија и на Црна Гора во НАТО, како дел од пошироката агенда за интеграции во источна Европа.
– САД мора да им дадат нов поттик на интеграциските процеси, со тоа што ќе предводат процес за прием на Македонија и Црна Гора во НАТО и за отворање на НАТО процесите за Босна и Грузија, изјави Вилсон, поранешен висок функционер во Советот за национална безбедност на САД и во кабинетот на генералниот секретар на НАТО Џорџ Робертсон.
Вилсон зборуваше на панелот од тројца експерти поканети да сведочат пред Комисијата за надворешна политика на Сенатот на САД, на седница со која претседаваа сенаторите Кристофер Марфи и Рон Џонсон.
НАТО следната година одржува самит во британскиот град Њупорт и во рамките на подготовките кои се во тек, се разгледува и прашањето дали самитот може да биде самит на проширување, со Македонија и Црна Гора како кандидати кои се сметаат за подготвени за членство, а Босна и Грузија како земји аспиранти.




