Научниците дошле до нови сознанија за смртта на Александар Велики, пишува британски „Independent“. Тие претпоставуваат дека е убиен од отровно вино, направено од отровни билки.
Мистеријата околу тоа како и зошто големиот монарх починал на возраст од само 32 години ги мачи историчарите и научниците доста години наназад. Некои велат дека тој починал од природна смрт, други дека за тоа е причина треската, а трети веруваат дека тој бил убиен со труење на прослава во палатата на кралот Набукодоносор Втори во Вавилон. По прославата, го зафатила треска и набрзо не можел да зборува и да оди. Починал по 12 дена боледување.
Др. Лео Шеп, токсиколог од Нов Зеланд, објаснува дека е невозможно да е убиен со отров како што е арсенот, како што се наведува во некои теории, затоа што смртта би дошла многу порано. Наместо тоа, Шеп во своето ново истражување доаѓа до заклучок дека најверојатно станува збор за растение кое му припаѓа на фамилијата лилјани.
Грците го употребувале ова растение при лечење, а несаканиот ефект од бавно умирање од неа, може да трае токму до 12 дена. Тоа се поклопува и со записите на старогрчкиот историчар Диодор од Сицилија, кој тврдел дека Александар бил во голема болка откако испил вино во чест на Херкул.
Др. Шеп на решавањето на оваа мистерија работел повеќе од 10 години. На крај заклучил дека причината за смртта не може да се докаже бидејќи никогаш со сигурност нема да може да се тврди тоа.




